Добар сопственик на семејна куќа со доаѓањето на пролетта темелно ја прегледува својата куќа. Прво ја обиколува зградата и проверува дали покрај тротоарот и долните делови на ѕидовите има вдлабнатини и испакнатини што укажуваат на зголемено струење на вода поради оштетување на канализацијата и олуците.
Покрај поправката на тие вдлабнатини и испакнатини, треба да се поправи и оштетената канализација и олуците, бидејќи водата ќе ископа дополнителни вдлабнатини (сл. 1, 1. дел). Исто така треба да се прегледа фасадата. Ако се забележат оштетување и набабрување, потребно е да се изврши поправка. За тоа веќе пишувавме овде. Разни протекувања укажуваат на оштетувања на покривот, олуците и лимаријата, што треба да се открие и поправи (сл. 1,3,4 и 5. дел).
Опаѓањето на малтерот и разните други дамки во подрумот, укажуваат, од една страна, на оштетувања на водоводната мрежа или канализацијата, а од друга страна, можно е водата да навлегла низ прозорот на подрумот. Проблемите што јасно може да се забележат и што редовно настануваат поради лошо уреденото ниво на околниот терен, може да се решат по повлекувањето на водата (сл. 1,6. дел).
Кај олуците треба да се провери дали не се наполнети со тиња од зимските врнежи и лисја. Исто така, треба да се проверат и одводните цевки. На покривот најпрво треба да се поправат оштетувањата на покривната обвивка. Дел од тие оштетувања може да се реши со подесување на ќерамидите одвнатре, бидејќи одвнатре лесно може да се забележи на кое место продира најмногу светлина. Таму каде што поминува сончева светлина, голема е веројатноста да поминува и дожд (вода). Исто така преку излезните отвори на покривот треба да се провери состојбата на оџаците и лимаријата. Особено внимание треба да се обрне на оџакот - дали има на него пукнатини, деформации и отпаѓање на тули (сл. 1, 2. дел). Ваквите оштетувања веднаш треба да се поправат со цементен малтер, заради спречување на евентуален пожар. Поправката на малтерот и изолацијата може да ја изврши лице што не е стручно, но поправката на носечките делови на зградите може да ја изврши само стручно лице. На зградите - исто како и на човечкото тело, крилјата на авионот или коренот на дрвјата, постојат важни, носечки делови, како и помалку важни, врзни елементи. Со оштетување на ’рбетот, главниот носач на крилото, или истегнување на оптоварениот
коренот на слегнато дрво, може целиот механизам да се урне, да се струполи, да се сруши. Главните носечки делови на зградата се главните ѕидови на кои се потпираат покривот или горните катови, надвратниците над вратите и прозорците, како и носечките греди на покривната конструкција. Денес често можеме да видиме дека и кај новите згради прво се изградува носечкиот армиранобетонски скелет, а ѕидовите, вратите, прозорците и другите склопови се поставуваат дури потоа.
Што предизвикува грешки?
Положбата, распоредот, димензионирањето, како и начинот на вградување на носечките конструкции ги определуваат градежниците врз основа на правилата на науката за цврстина, како и врз основа на темелни пресметки. Кај правилно проектирани и прописно изведени згради, овие елементи не може да се расипат, бидејќи нивното оштетување би довело до уривање на целата зграда, или до многу тешки оштетувања. Меѓутоа, денес сè уште доста семејни згради, а особено многу викендички, се градат нестручно. Резултат на тоа е што подоцна, токму кај носечката конструкција, доаѓа до оштетувања. Причините за тоа можат да бидат следните:
- Темелите на зградата не се изведени правилно и поради тежината на зградата попушта теренот и носечките ѕидови се слегнуваат.
- При градењето не биле користени материјали со соодветна цврстина или материјалите биле нестручно вградени.
- Поединечните елементи не се соодветно димензионирани, на пр. греди над прозорците, или не се вградени елементи со пропишан квалитет и димензии.
- Вградените елементи се со пропишан квалитет и соодветна цврстина I димензии, но бројот на вградените елементи е недоволен. Пр. носечките кровни греди се поставени на поголеми растојанија од дозволените.
- Поединечни елементи, поради прекумерната стремеж кон сигурност, се димензионирани со голема сопствена тежина, на пр. на тенки ѕидови од тули е поставен тежок бетонски кров.
- Цврстината на носечките конструкции, поради разни влијанија со текот на времето, опасно се намалила. Пр. се појавила корозија на елементите од армиран бетон или челични греди. Распаѓање на дрвени греди или смрзнување на тула.
Се разбира, овие влијанија и грешки можат да се појават и истовремено.

Најважна задача
Грешките и оштетувањата на носечките конструкции обично ги забележуваме кога веќе ќе се појават извесни знаци на тие оштетувања: подот е слегнат, ѕидот е напукнат или се навалува, се појавува вдлабнатина на гредата и покривот, прозорецот е заглавен, паѓа ’рѓа од челичната носечка конструкција итн. Честопати разни пукања во гредите и носачите или потреси на подовите или ѕидовите нè предупредуваат на појавата на грешки.
Ако сме откриле грешка, треба да се побара совет од статичар - инженер кој одговорно ќе ја најде причината за оштетувањето и ќе ни даде совет за потребните привремени мерки (подпирање и сл.) како и за конечното решение. Ако само се сомневаме дека настанала грешка, значи не сме уверени, треба да залепиме
затегната лента хартија на пукнатини или вдлабнувања. Хартиената лента веднаш ќе се прекине ако постои и натамошно движење на пукнатините или вдлабнувањата и на тој начин ќе нè предупреди на опасноста. Во меѓувреме треба да се повика стручњак.
Нестручна и неовластена интервенција е строго забранета и опасна по живот! Нестручно подупирање или каква било нестручна интервенција може да доведе до делумно или целосно уривање на објектот.
Често, целта на некоја интервенција не е да се отстрани постоечката грешка, туку да се изврши и реконструкција, подигање на уште еден кат, изградба на мансарда на веќе постоечки објект, рушење или изградба на нов ѕид, проширување на врата или преграда на поткровје итн. Сите овие работи можат да доведат до преоптоварување, намалување на носивоста и до едностранo оптоварување на носечките елементи на објектот. Затоа за секоја, па и за најмала реконструкција, потребна е соодветна градежна дозвола, а работите можат да се изведуваат само врз основа на одобрен проект со овластен изведувач. Според тоа, за овие работи не можеме да дадеме никакви совети, туку, дури, предупредуваме дека вакви работи не смеат да се изведуваат без стручњак.
Добро е да се знае…
Секако, добро е да се знае како можат привремено да се отстранат оштетувањата на носечките елементи. Главните ѕидови се по правило оние што се вкопани во земјата. Според тоа, надворешните ѕидови на зградата, поради претходно наведените причини, можат да бидат слегнати, наклонети и на нив можат да се забележат пукнатини (сл.2, 1. дел). Ѕидовите на приземните згради што се наклонети нанадвор можат да се потпрат со греди. За гредата да не се поместува се прави „стапало“ за кое се прицврстува или, ако станува збор за дрвени греди, тогаш прицврстувањето се врши со столарски спојки. Гредата мора да биде силна и доста дебела и треба со хоризонталата да затвора агол од најмалку 20° а најмногу 40°. Под гредите на ѕидот треба да се постави даска за оптоварувањето рамномерно да се распоредува на ѕидот (сл. 2, 4. дел).
Ѕидовите што се наклонети нанадвор можеме да ги исправиме и на тој начин што низ избушените отвори ќе поставиме челични завртки со соодветни подлошки. Со ова решение, со можност за подесување на затегањето, може да се спречи уривање на двата спротивно поставени ѕида (сл. 2,5. дел).
Измени на главните ѕидови можат да се вршат само врз основа на одобрени проекти. Ослабување на главниот ѕид, на пр. со цел изработка на плакар - строго е забрането. Исто така треба да се избегнува преоптоварување на плочите. Нови преградни ѕидови можат да се изградат само таму каде што плочата е доволно јакa или каде што за таа цел плочата посебно се зајакнува (сл. 2, 3. дел).

Плафони и нивните носачи можат да се потпрат само тогаш ако со тоа не ги преоптоваруваме другите елементи. Неправилно е, на пр., да се потпре носач на плафон така што оптоварувањето се пренесува на една точка на подот (сл. 2, 2. дел). Потпирањето на кровната конструкција во случај на деформација на нејзините елементи поради преоптоварување обично е отежнато, бидејќи плафонот на поткровјето во општиот случај не може да поднесе дополнително оптоварување. Ваквата грешка можеме да ја отстраниме единствено со намалување на оптоварувањето на кровната конструкција. Ако покривот е преоптоварен на средината меѓу слемето и ѕидниот венец, можеме проблемот да го решиме така што ќе ги симнеме ќерамидите и ќе ги сместиме во близина на ѕидниот венец, а отворот привремено ќе го покриеме со церада или со покривка од PVC (сл. 2, 6.›дел). Но уште еднаш да го повториме нашиот совет: ако забележувате оштетувања на носечките елементи, веднаш треба да побарате совет од стручњак.